Американските сили биле предупредени за претстоен напад со „голем број жртви“, 24 часа пред бомбардирањето во близина на аеродромот во Кабул минатиот четврток.
Повикувајќи се на доверливи белешки од состанокот во Пентагон, „Политико“ објави дека генералот Марк Мили, началник на Здружениот штаб на американските вооружени сили, им рекол на командантите дека има „сериозни“ разузнавачки информации за напад на огранокот на т.н. Исламска држава, ИСИС-К.
Во извештајот се додава дека американските власти планирале да ја затворат портата на влезот на аеродромот, каде што се случи самоубиствениот напад. Американските сили ја држеа портата отворена подолго од очекуваното, за да им овозможат на Британците безбедно да го евакуираат персоналот од блискиот хотел „Берон“, додава Политико.
Во нападот загинаа повеќе од 170 авганистански цивили, 13 припадници на американската армија, како и тројца британски државјани.