Фатмир Меџити тргнува во поход против пушењето. Големиот процент на пушачи во земјата и зголемената смртност од малигни и кардиоваксуларни болести причина на почетокот на 2024 да бидат воведени ригорозни мерки за корисниците на цигари. Откако вчера предизвика лавини реакции во јавноста со изјавата – нека му ја мислат пушачите по Нова Година, министерот за здравство се уште не открива кои ќе бидат казните и забраните. Но зголемување на даноците за тутунот, поголема контрола, забрани за користење на електронски цигари во затворени простории се дел од препораките на СЗО кои најверојатно ќе ги следи и Македонија.
-Ние во јануари со регионалниот директор за Европа при СЗО, Ханс Клуге ќе потпишеме меморандум за соработка против пушењето и со нив овие мерки ќе бидат ригорозни. Не знаете колку е болно во секоја фамилија да изгубите сакан од овие тешки болести а тие доаѓаат од пушењето и од други лоши навики, вели Фатмир Меџити, министер за здравство.
Половина нација се пушачи, цигари се користат и на отворено и во затворено, на многу места не се почитуваат закони..Но и покрај оваа реална слика, дел од граѓаните што ги анкетиравме поддржуваат ригорозни мерки иако се корисници на тутун.
-Ова знаете е отров и создава зависност, добро е што некој мисли на тоа… Нека воведат, може така ќе се откажеме од цигарите… Мене ми одговара, но на пушачите може не, велат граѓани.
Од Институтот за јавно здравје велат дека се поразителни бројките за пушачи во земјата. Дури 5 проценти од деца до 16 години пробале цигара а уште полошо е со возрасните.
-45,4 се активни пушачи, мал број од нив се обиделе да се откажат од пушењето. Тоа делумно се должи на послабите мерки и тоа особено со разлабавување на мерките, се пуши и во затворени простории а цените на цигарите се најниски кај нас, вели д-р Мартин Петровски од ИЈЗ.
Дека во земјата не се почитуваат законите против пушењето беше и една од забелешките на ЕК во извештајот за напредокот на земјата.
Според извештаи на невладини организации, Македонија е меѓу првите десет земји во светот по бројот на пушачи.