Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски денеска во Брисел изјави дека е подобро Русија да плати за оружјето што американскиот претседател Доналд Трамп има намера да го одобри и испрати во Украина, а не европските даночни обврзници.
-Ги прашав моите колеги министри за надворешни работи кој треба да плати за ова оружје. Дали европските даночни обврзници или, според мене, агресорот треба да плати од замрзнати средства, рече Сикорски, кој е во Брисел на состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија.
Трамп вчера објави дека САД ќе испратат оружје во Украина кое „целосно ќе го плати Европа“ и се закани дека ако Русија не постигне мировен договор со Украина во рок од 50 дена, САД ќе воведат „строги санкции“ против Русија и нејзините трговски партнери.
-Се надеваме дека во текот на овие 50 дена ќе се зголеми притисокот врз Руската Федерација конечно да се вразуми, рече Сикорски, според полските медиуми.