Полска ќе воведе ограничувања кога станува збор за движењето на руските дипломати на нејзина територија поради вмешаноста на Москва во хибридната војна против Европската унија, изјави денеска министерот за надворешни работи Радослав Сикорски.

Односите меѓу Полска и Русија се затегнати по избувнувањето на конфликтот во Украина во 2022 година.

Варшава ја обвинува Москва и за шпионски активности и саботажа на територијата на Полска, пренесува Ројтерс.

„Се надеваме дека Руската Федерација ќе го сфати ова како многу сериозно предупредување“, изјави Сикорски за новинарите во Брисел.

Тој додаде дека руската амбасада во Варшава ќе биде известена за оваа одлука и дека ограничувањата за движење важат за целиот персонал во амбасадата и конзулатите, освен за амбасадорот.