Полскиот министер за надворешни работи Радослав Шикорски изјави дека ќе ја повлече согласноста за функционирање на последниот активен руски конзулат во Полска, оној во Гдањск, како одговор на саботажата на железничката линија изминатиот викенд.
Варшава наскоро ќе одговори на експлозијата на железничката линија, додаде шефот на дипломатијата.
Тоа не беше само чин на саботажа, туку и чин на државен тероризам. Ќе одговориме, и тоа не само дипломатски, нагласи Шикорски пред полскиот Парламент, додавајќи дека тоа ќе се случи во наредните неколку дена.
Експлозијата викендов на линијата Варшава-Лублин, која го поврзува полскиот главен град со украинската граница, следи по бранот палежи, саботажи и кибернапади во Полска и други европски земји од почетокот на инвазијата во 2022 година.




