Полскиот претседател му се поклони на Гоце Делчев во Скопје и порача – Ако Бугарија не ја тргне блокадата лично ќе се заложи да помогне, пренесе ТВ 24.
Анджеј Дуда кој со делегација и голем број новинари е во официјална посета на земјата беше пречекан со највисоки државни и воени почести, а заедно со шефот на државата Пендаровски положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев и порача ако Бугарија продолжи со својата, како што кажа тој – неконструктивност, самиот ќе се заложи за изготвување на нов патоказ за решение.
– Во овој момент би сакал да кажам дека Полска ја дава безрезервната поддршка на Република Северна Македонија за влез во ЕУ и овде би сакал јавно да изјавам дека доколку Република Бугарија и понатаму реагира неконструктивно односно каже НЕ за влезот на Северна Македонија јас лично ќе истапам и ќе се залагам за изготвување на некој патоказ односно документ којшто ќе послужи на РСМ полесно да се справи со ова прашање во влез во ЕУ. – изјави Анджеј Дуда претседател на Полска.
Шефот на државата Пендаровски денеска прецизен – Се додека Бугарија не формира влада и не добие претседател, нема да се занимава со изјави кои доаѓаат од луѓе кои немаат целосен политички легитимитет или се уште само кандидати на избори.
– Тоа се се изјави на луѓе кои или немаат целосен политички легитимитет или станува збор за кандидати кои допрва треба да бидат членови на владата или да формираат органи на власт во Софија. Јас сум претпазлив реалист. Толку многу пати се изгоревме, чекајќи од Софија да се дигне неразумната блокадата, па затоа јас би почекал да видиме со кого утре задутре и после 21ви ќе имаме прилика да разговараме. – изјави Стево Пендаровски претседател на РСМ.
Пендаровски сепак не издржа, а изјавите од источниот сосед, дека во Македонија се врши наводна системска дебугаризација ги нарече далеку од реалноста, а доказ е пописот.
Инаку Двајцата претседатели се сложија дека односите меѓу Македонија и Полска се одлични. Дуда се осврна и на ситуацијата со мигрантската криза на границата со Белорусија и му се заблагодари на Пендаровски за поддршката.