Полските земјоделци денеска започнаа четиридневна блокада на границата со Германија и затворање на сите сообраќајниците во двата правца, што ќе го оневозможи прекуграничниот сообраќај, јавуваат денеска локалните медиуми.

Блокиран е граничниот премин на автопатот Берлин – Варшава, како и други патишта кои ги поврзуваат двете земји, а низ кои секојдневно поминуваат околу 17.000 камиони, поради што полските и германските власти очекуваат значителен сообраќаен метеж.

Полските земјоделци на крајот на февруари на 24 часа го блокираа прекуграничниот сообраќај со трактори, камиони и комбиња.

Земјоделците бараат укинување или олеснување на ограничувањата наметнати со планот на ЕУ „Зелен договор“ за борба против климатските промени, како и враќање на царините за увоз на украински земјоделски производи, кои Брисел ги укина по избувнувањето на војната во Украина.

Протести на земјоделците денеска има и во Шпанија. Илјадници шпански земјоделци повторно демонстрираа со стотици трактори во главниот град Мадрид, барајќи подобри цени за нивните производи и промени во земјоделските политики на Европската унија, пренесува ДПА.

Почнувајќи од рано наутро, земјоделците од различни делови на Шпанија тргнаа кон Мадрид, предизвикувајќи проблеми во сообраќајот.

Демонстрантите најпрвин со караван од трактори се упатија до Министерството за животна средина, а оттаму до Министерството за земјоделство. Земјоделските здруженија најавија дека ќе ги интензивираат протестите доколку владата не понуди решенија за многуте проблеми со кои се соочува земјоделскиот сектор во земјата.

Владата на Шпанија веќе направи некои отстапки во обид да ги смири земјоделците, но нивните сдруженија ги оцебија тие мерки како недоволни.

Шпанските фармери, како и многу земјоделци ширум Европската унија, протестираат поради тешките економски услови и строгите регулативи за кои земјоделците велат дека им ја отежнуваат работата и го прават производството неодржливо и неисплатливо.