Македонските спасувачки тимови тргнаа за Турција. Четириесет спасувачи и 22 армиски специјалци ќе бидат испратени да помогнат во пребарувањето на урнатитените во потрага по преживеани по катастрофалниот земјотрес кој ја потресе Турција. Владата на вонредна седница донесе одлука за финансиска помош, но и за помош во материјали и опрема која е повеќе од неопходна во моментов.
Владата го задолжи министерството за финансии да одобри шест милиони денари кои ќе бидат испратени како помош за настраданите во земјотресот.
И тимот на ДСЗ тргна кон Турција. На предлог на Дирекцијата за заштита и спасување Владата одобри испраќање на 40 припадници на републичките сили за заштита и спасување кои треба да помогнат во санирањето на последиците од земјотресот. Спасувачите заминаа со шест возила и опрема, средства за пребарување и спасување од урнатини, а со нив одат и две противпожарни возила.
Исто така на предлог на министерството за одбрана одобрено е испраќање на тим за заштита и спасување кој го сочинуваат 22 лица припадници на Баталјонот за специјални сили и две лица водачи на службени кучиња, со две кучиња. Пoкрај тоа од Одбрана се обезбедни 10.000 ќебиња и 200 санитетски носила.