Ротари клубот Кочани-Виница потпиша договор за соработка со партнерските ротари клубови од Целје и Љубљана во Република Словенија, со што тие ќе обезбедат долгорочна поддршка за намалување на последиците од трагичниот пожар во клубот „Пулс“ и за нормализирање на состојбата во Кочани.

Претставници и членови на трите клуба на потпишувањето на договорот истакнаа дека заеднички ќе работат на обезбедување финансиска, материјална, медицинска, стручна, психолошка и секаков друг вид помош во наредниот петгодишен период.

-Нашите словенечки пријатели беа меѓу првите кои ни подадоа рака за да помогнат, почнаа инцијатива за формирање посебна фондација, а со нивна поддршка целиот комплексен проект нема да биде фокусиран само во Словенија, туку и во други држави од Европската Унија. Тие понудија соработка во едукација на стручни кадри, како и материјална поддршка во сите области што се неопходни за санирање на последиците од пожарот. Се работи за обуки на противпожарната служба и здравствениот персонал, заеднички активности за оформување центар за младите во Кочани, сѐ со цел младоста да не ја изгуби креативноста и надежта за својата иднина, истакна Зоран Тодоров од Ротари клубот Кочани-Виница.

Словенечките ротаријанци нагласија дека веќе имаат искуство во давањето поддршка во кризни ситуации, особено по големите поплави во нивната земја пред две години.

-Ние тогаш бевме на првата линија за помош, иако таа катастрофа не може да се споредува со вашата, затоа што кај нас имаше само материјална штета, без жртви. Со договорот што го потпишавме во наредните пет години ќе ви бидеме на располагање за сите потреби и во зависност од тоа каква помош ќе е неопходна, ние се обврзуваме да ја покриеме. Не би зборувале за бројки, но подготвени сме да обезбедиме материјална помош за вашата болница, за вашите пожарникари, психолошка поддршка, ако е потребна некаква операција ќе обезбедиме и ќе испратиме лекари специјалисти од Словенија, од Германија и други европски земји. Ќе бидеме со вас, двапати месечно ќе ги координираме потребите за да можеме брзо да реагираме. Едноставно, ваши сме, истакна Фрањо Розман од Ротари клубот Целје, кој ќе ги координира активностите со другите ротари клубови од Словенија.

Во поддршката од ротари клубовите ќе се приклучат и реномирани словенечки компании, чии сопственици и менаџери се дел од ротаријанската заедница.

-Дојдов само за да кажам дека сакаме безрезервно да ви помогнеме, дека ќе застанеме на ваша страна. Не само во овој момент и за кратко, туку долгорочно. Воопшто не е важно што сум директор на позната фирма, овде сум како човек кој сака да помогне и благодарам што ни дадовте можност да го направиме тоа, истакна Томас Томшич, претставник од Ротари клубот Љубљана.

Покрај ротари клубовите од Целје и Љубљана, подготвеност за вклучување во иницијативата за помош на граѓаните од Кочани искажале и други клубови од Словенија, кои во меѓувреме почнале да се организираат за што побрзо да ја обезбедат потребната поддршка.