Државниот секретар на САД, Мајкл Помпео го повика тричленото Претседателство на Босна и Херцеговина да ја прифати Националната годишна програма за соработка со НАТО, истакнувајќи дека не постои причина за загриженост дека тоа може да има влијание на односите со соседите бидејќи, како што рече, и Србија, иако не е членка на НАТО, има значајна соработка со Алијансата.

Помпео, како што јави Босанско-херцеговската радио телевизија, ги повика членовите на Претседателството на БиХ да ја прифатат Националната програма, што НАТО ја овозможи со неодамнешната одлука за Акцискиот план за членство на БиХ во НАТО.

Тој наведе дека приближувањето на Босна и Херцеговина во НАТО е „јасно нагласено во актуелната Стратегија за надворешна политика на БиХ“ и дека разбира што постои загриженост внатре во Претседателството на БиХ дека поголем степен на соработка со Алијансата може да има влијание на односите со соседите.

Помпео во писмото упатено до Претседателството на БиХ оддаде признание на Комисијата за НАТО интеграција која ја изработи нацрт Националната годишна програма и ги повика тројцата шефови на државата да ја проследат до Брисел што е можно побрзо.

На крај наведе дека БиХ е од стратешко значење за регионална соработка и дека САД сака поголем степен на соработка со БиХ.