Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, нагласи дека храбрите лидери на Србија и Косово не само што им носат економски раст и работни места на граѓаните, туку и дефинираат нов тон на помирување на патот кон напредокот на Западен Балкан.
„САД упатуваа пофалби за претседателот на Србија (Александар) Вучиќ и премиерот на Косово (Авдулах) Хоти за историските договори постигнати во Белата куќа со широк спектар на прашања за нормализирање на економските односи“, наведе Помпео во писмена изјава по бчерашното потпишување договор меѓу Србија и Косово.
Тој додаде дека САД уште еднаш ја потврдуваат поддршката за тековните преговори меѓу Косово и Србија кон сеопфатно нормализирање на односите.
„Безбедноста, стабилноста и просперитетот на целиот Западен Балкан остануваат клучни цели на САД. Со поддршка на претседателот (САД, Доналд) Трамп, премиерот Хоти и претседателот Вучиќ направија големи чекори кон таа заедничка визија”, додаде Помпео.
Претходно Трамп ја поздрави „храброста на Вучиќ и Хоти“ и оцени дека договорот „ги прави нивните држави, Балканот и светот побезбедни“.
Вучиќ и Хоти вчера во Вашингтон во присуство на Трамп потпишаа договор наречен „Економска нормализација“, што има две верзии со разлика во последната точка, додека остатокот од текстот е идентичен, јави Бета.
Договорот предвидува заеднички инфраструктурни проекти, пристапување на Косово во мини-Шенген, спроведување студија за можноста за поделба на енергетските ресурси на езерото Газивода и диверзификација на снабдувањето со енергија на двете страни.
Приштина вети дека нема да бара членство во меѓународни организации следната година, а Белград вети дека нема да лобира за повлекување на независноста на Косово.
Со договорот, Србија се обврза да ја пренесе амбасадата од Тел Авив во Ерусалим до 1 јули 2021 година, а Косово на заемно признавање со Израел.