Шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји на денешната средба во Пекинг со американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави дека САД треба да престанат со нападите врз државната политика на Кина.
Ји на средбата посочи дека е „фрлена сенка на иднината на односите помеѓу САД и Кина“.
Помпео наведе дека Вашингтон и Пекинг имаат „фундаментални разлики“ за билатералните прашања.
– Силно сме загрижени од акциите што ги презема Кина и се надевам дека ќе имаме можност да разговараме прашањата за нашите односи, посочи Помпео.
Средбата Ји – Помпео посветена на денуклеаризацијата на Корејскиот Полуостров се одвива во тензична атмосфера поради „трговската војна“ помеѓу Кина и САД.
Потпретседателот на САД, Мајк Пенс минатата недела ја засили американската кампања за притисок врз Кина, вон темата за трговската војна. Тој го обвини Пекинг за „злонамерни“ обиди за поткопување на позицијата на Трамп пред претстојните избори за Конгресот.
Помпео претходно имаше средба со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун и со претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае-ин, а допатува во Пекинг да ги извести кинеските власти за текот на средбата во Пјонгјанг.
Помпео претходно изјави дека постигнал голем напредок на средбата со Ким и оти работи на организирање на втор самит на американскиот претседател Доналд Трамп со Ким.
Претходно, претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае-ин изјави дека очекува севернокорејскиот лидер Ким да ја посети Русија, а кинескиот претседател Си Џинпинг – Северна Кореја, во контекст на глобалните дипломатски напори за решавање на нуклеарната криза.
– Вториот состанок на Трамп и Ким би можел да биде проследен со дипломатски активности кои би придонеле за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров и стабилизирање на мирот, посочи Мун.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео на вчерашната четврта средба со Ким во Пјонгјанг истакна дека тоа е „уште еден чекор“ кон денуклеаризација и дека имал „добар и продуктивен разговор“ со севернокорејскито лидер, но оти има уште работа.
Портпаролката на Стејт департментот, Хедер Нојерт изјави дека Ким дозволил инспектори да го посетат полигонот за нуклеарно тестирање Пунгје-ри за да потврдат дека објектот е затворен и е неупотреблив.
Помпео и Ким на средбата се согласија наскоро да формираат работна група за да разговараат за процесот на денуклеаризација.
– Американскиот државен секретар и претседателот на Северна Кореја разговараа за опции за локација и датум за вториот самит Ким – Трамп, но ништо не е прецизирано, се посочува во соопштението на Стејт департментот.