САД ќе продолжат да спроведуваат кампања за вршење притисок врз Иран и да „одвраќаат од агресија“ во регионот, но не сакаат несогласувањата со Техеран да ескалираат, изјави денеска американскиот државен секретар Мајк Помпео.
Обраќајќи им се на новинарите во воздухопловната база „Мекдил“ на Флорида, Помпео нагласи дека Доналд Трамп не сака војна.
– Ние ќе продолжиме да ја пренесуваме таа порака додека правиме работи кои се неопходни за заштита на американските интереси во регионот, рече Помпео.
Вршителот на должност американски министер за одбрана Патрик Шенахан вчера најави дека на Блискиот Исток ќе бидат распоредени уште илјада војници „во одбранбени цели“.