Министерството за транспорт и врски ја поништи постапката за доделување финансиска поддршка на авиопревозници.
Постапката е поништена на предлог на Комисијата за спроведување на постапката за доделување финансиска поддршка на авиопревозници, а по јавното отворање што се оддржи на 27 јули годинава за што беше доставена само една понуда, од „Виз ер“.
– На јавното отворање, Комисијата констатирала дека доставеното барање за доделување на финансиска поддршка не е доставено согласно точка 2.1 од Документацијата за барање, односно на трите запечатени внатрешни пликоа не е наведен полниот назив и адреса на авиопревозникот, што е еден од условите пропишани во Документацијата за барање, нацедуваат од Министерството за транспорт и врски.
Врз основа на ова, Комисијата констатирала дека не постојат услови за понатамошна евалуација на пристигнатото барање за финансиска поддршка. Согласно извештајот од Комисијата, Министерството за транспорт и врски ја поништи постапката за доделување на финансиска поддршка.
Министерството за транспорт и врски најавува дека во најкраток рок повторно ќе го објави јавниот повик за доделување финансиска поддршка на авиопревозници, со цел, како што посочуваат, да се овозможи развој на авиосообраќајот во Република Македонија.