Француската прехранбена индустрија се согласи повторно да преговара за цените со трговците на мало, објави денеска министерот за финансии Бруно Ле Мер.
„Тоа е одлична вест за потрошувачите и тоа значи дека преку преговори, цените ќе се намалат во догледна иднина, така што ќе ја прекинеме инфлаторната спирала“, рече Ле Мер.
Преговорите ќе се водат пред крајот на мај, рече министерот, што значи дека потрошувачите веќе летово може да плаќаат пониски цени за тестенините, со оглед на падот на цената на пченицата.
И покрај падот на цените на земјоделските производи на светските берзи, цените на храната во Франција пораснаа за над 15 отсто во последните месеци, иако компаниите и трговците со храна во редовните преговори во март се договорија дека ќе бидат зголемени во просек за 10 отсто.
Минатата недела Ле Мер им се закани на производителите на храна со даночни мерки доколку не се согласат на преговори. „Доколку прехранбената индустрија не се врати на преговори ќе ги искористиме сите мерки што ни стојат на располагање, вклучително и даноците, за да им го одземеме неправедно стекнатиот профит од грбот на граѓаните“, рече министерот минатиот петок.