Во присуство на грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис, кипарскиот претседател, Никос Анастасиадис и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, министрите за животна средина и енергија на Грција, Кипар и Израел попладнево во Атина ќе го потпишат договорот меѓу трите земји за изградба на гасоводот EastMed, јави дописничката на МИА од Атина.
Гасоводот во должина од 2100 километри тргнува од Израел, а преку Кипар и Грција стигнува до Италија.
Италија дополнително ќе го потпише договорот, а надлежниот министер за енергија Стефано Патуанели, испратил писмо до неговиот грчки колега Костис Хаѕидакис во кое испраќа честитки за иницијативата и ја изразува поддршката на Италија.
Пред потпишувањето на договорот ќе се одржи трилатерална средба на Мицотакис, Анастасиадис и Нетанјаху.
На манифестацијата за потпишување на договорот, по покана на министерот за животна средина и енергија на Грција, ќе присуствуваат и претходните министри од СИРИЗА и Движење на промена, бидејќи, како што вели Хаѕидакис, и тие придонеле планот да се спроведе во пракса.