Најмалку 16 лица загинаа, а 13 се водат за исчезнати во поплавите и свлечиштата во префектурата Кумамото, во јужна Јапонија, јавуваат агенциите.
Дождот во оваа префектура почна да паѓа во петокот вечерта, а во селото Кума вчера беше поплавен дом за стари лица. Локалните власти соопштија дека 14 станари на домот веројатно починале, додека тројца покажувале знаци на хипотермија.
Околу 60 лица останаа заробени во друг старечки дом, а операцијата на спасување, во која учествуваат 10.000 војници, крајбрежната стража и противпожарната бригада, продолжи и денеска.
Властите побараа од повеќе од 75.000 жители на префектурите Кумамото и Кагошима да ја напуштат областа поради силните дводневни врнежи. Евакуацијата на населението не беше задолжителна и многумина решија да останат дома, од страв да бидат заразени со коронавирусот, иако официјалните лица забележаа дека засолништата се безбедни и дека се воспоставени сите мерки на заштита.
Поплавите доведоа до прекин на електрична енергија и телефонските линии, што ја одложи операцијата за спасување, а речиси 6.000 домови во Кумамото се уште се без електрична енергија, потврдија локалните власти.