Невреме вчера и денеска погоди големи делови од јужна Германија, предизвикувајќи прекин на сообраќајот, а некои жители мораа да бидат евакуирани со хеликоптер.
Во областа на баварскиот град Аугсбург, жителите мораа да бидат евакуирани поради дефект на насип и брана, соопштија властите.
Поради поплавите, во прекин е железничкиот сообраќај меѓу главниот град на Баварија, Минхен, Брегенц во Австрија и Цирих во Швајцарија.
Во прекин беше и линијата меѓу Улм и Аугсбург, а меѓуградските возови на релација Штутгарт-Минхен беа пренасочени.
Жителите на баварскиот град Фишах, западно од Минхен, биле изнесени со хеликоптер од своите домови откако се излеа реката Шмутер.
Мештаните поинаку не можеа да ги напуштат своите домови, изјави портпаролката на окружните власти. Според полицијата, службите за итни случаи и чамците ќе ги преземат луѓето во поплавените домови. Неколку соседни окрузи прогласија вонредна состојба бидејќи дождот продолжува да паѓа и нивото на водата расте.
Update zum Wehr#Hochwasser pic.twitter.com/lX5hrZp46M
— Bummibaer 🐻 🇺🇦 (@MrBummiBinBaer) June 1, 2024
Во сојузната покраина Баден Виртемберг, западно од Баварија, ситуацијата брзо се влоши откако реката Ротум почна да се излева на неколку места.
Во малиот град Рајнштетен, 150 служби за итни случаи работат повеќе од 22 часа за да ја ублажат поплавата што се случи по пукањето на браната, изјави градоначалникот Филип Буеркл за ДПА.
Буеркл рече дека противпожарните служби од блиската област пумпаат вода од подрумот и дистрибуираат вреќи со песок. Досега е евакуиран само еден дом за стари и изнемоштени лица во кој престојувале 15 лица.
Училиште во селото Мекенбеурен, во близина на езерото Констанца, мораше да биде евакуирано откако локалната река проби вреќи со песок поставени околу него.
Германската метеоролошка служба предвиде дополнителни грмежи и до 80 литри дожд на метар квадратен во јужните делови на Германија. Невремето се очекува да продолжи и утре.