Во денешната емисија „Дејли Клик“ на Телевизија 21 гостуваше претседателот на Унија на млади сили и пратеникот од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Сергеј Попов кој истакна дека младите гледаат во УМС како партнер кој ги остварува интересите и се стреми кон остварување на потребите на студентите, односно на сите млади со тоа што се слуша нивниот став и се реализираат проекти во интерес на младите луѓе.
„За УМС можам да кажам дека ние сме еден голем политички подмладок ,имаме навистина многу членови многу активисти, многу обемна и комплексна структура. Така да, навистина можам, нескромно, да кажам да навистина луѓето не препознаваат кога се движиме на самиот терен. Најмногу не препознаваат младите луѓе и би рекол дека младите луѓе најмногу гледаат партнер во нас, бидејќи сметам дека сме политички подмладок со најголема сила, со најдобро организирана структура, којашто може сите оние барања и потреби на младите луѓе да ги канализираме, како што впрочем и се случи“, посочи Попов.
Во оваа емисија тој нагласи дека поддршката од младите луѓе е добиена со самата понуда која што била понудена од страна на ВМРО ДПМНЕ и дека сите оние потреби од младински интерес одат во нагорна насока, а сето тоа се гледа од досегашното владеење со што се креираат младински политики со наизменично комуницирање со предлози и идеи со младите членови.
„Ние поддршката од младите луѓе за изборите ја баравме преку понудата која што ја дававме кон тие млади луѓе и еве сега преку двајцата пратеници кои УМС ги има во рамки Собранието на Република Македонија, како ниедна друга политичка партија, како ниеден друг политички подмладок во државата имаме прилика да видиме и како дел од тие работи во првите неколку месеци во владеењето на ВМРО ДПМНЕ веќе се реализираат“, изјави Попов.
Тој, исто така, ги повикува сите млади да се приклучат во рамките на УМС, сметајќи дека тука се реализираат сите суштествени потреби на младите во општеството, како и за студентите со реконструирање на студентски домови и подобри услови за живот, посочувајќи дека единствено во Унија на млади сили на ВМРО ДПМНЕ се слуша гласот на младите.
„Оваа прилика сакам да ја искористам да ги повикам сите млади да и се приклучат на УМС на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи, би рекол дека, е единствената младинска политичка сила во Македонија којашто реално на терен и низ пракса ги менува работите во нашето општество. Ние сме седум месеци на власт, студентските домови веќе за некој месец ќе ги отвориме. Така да, слушање на гласот на младите е дали за младите се реализираат проекти, а не колку млади имаме директори или колку млади имаме на функција“, рече Попов.