ЈСП Скопје бара субвенции од Владата и влијание од Регулаторната комисија за регулирање на цената на метанот, кој вчера се зголеми повеќе од двојно. Директорот на претпријатието, Иван Илиевски, вели со драстичното зголемување на цената, од 50 на 110 денари, двојно ќе се зголемат и трошоците на претпријатието, во кое, како што вели се обидуваат да ја надминат лошата финансиска ситуација. На метан во ЈСП моментално возат 33 нови автобуси на МАН, вели Илиевски, а за нив лани горивото чинело околу 1 милион евра. Со новата цена ЈСП ќе треба да обезбеди 2 милиона евра.
-Ако лани се потрошиле со цената од 31.12., 55 милиони денари за метан, во 2022 ако се задржи нивото на метанот 110 денари, ако не оди погоре, ќе биде околу 121 милион денари или 60 милиони повеќе, негде околу милион евра разлика во цена што е голем удар за работењето на Јавното претпријатие, нагласи Илиевски.
Доколку Владата и Регуларна не им излезат во пресрет, ќе побараат помош од Град Скопје. Доколку ниту Градот нема да даде дополнителни субвенции, тогаш како последна опција е да се редуцира возниот ред, односно да се задржи зимскиот возен ред.
-Во моментов не се размислува за покачување на цената на билетот, ниту да има рестрикции на линиите, но исто така нема да има намалување на користењето на автобусите кои возат на ЦНГ, бидејќи, како што нагласи, еколошкиот момент е поважен од економскиот момент рече Илиевски.
Илиевски од неговиот претходник наследи долг кон добавувачи од 240 милиони денари, од кои најголем дел, 180 милиони, се за гориво. Дополнително, од оваа година почнува и исплатата на кредитот земен од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) од 10 милиони евра за новите автобуси. Месецов треба да се плати првата транша од 1 милион евра. Но и покрај таква ситуација, Илиевски уверува дека во првиот квартал Советот на градот ќе ја донесе одлуката за враќање на бесплатниот превоз за пензионери 4 дена во неделата односно вторник, петок, сабота и недела. Инаку од 27 декември ЈСП ги врати сите ноќни линии, а од први јануари започна со работа и жичарата до Водно.
И покрај тоа, ниту ударот од ковид кризата ниту лошата финансиска состојба во која се наоѓа ЈСП не се пречка за сите граѓани да добијат бесплатен јавен превоз, уверува новиот в.д директор на претпријатието Иван Илиевски. Предизборното ветување на градоначалничката Арсовска ќе стане реалност за 2 години од сега.
Бесплатно во автобус ќе можат да се качат жителите на Скопје, но ќе треба да поседуваат и персонализирана картичка. До тогаш, директорот останува да ги решава проблемите кои ги наследи од неговиот претходник но и оние кои ги наметна пандемијата. Се надева на помош од Владата.
Доколку Владата остане глува на барањата на ЈСП, а градот не даде дополнителни субвенции, во тој случај би се редуцирал возниот ред, вели Илиевски. Тој уверува дека овој начин на штедење би била последна опција, а автобуската карта во никој случај нема да поскапи.