Од утре во 6 часот наутро до 15 јули 2020 година, во Грција ќе биде забранет влез за српски државјани со одлука на грчката Влада, врз основа на анализата на епидемиолошките податоци, јави дописничката на МИА од Атина.
Алтернативната портпаролка на грчката Влада, Аристотелиа Пелони, соопшти дека официјална Атина во соработка со експертите ја следи епидемиолошката ситуација во ЕУ и останатите земји во светот и има право да направи измени во политиката.
– Во овој контекст, Грција, во соработка со партнерите во Европската унија го задржува правото да ја ревидира нејзината политика. Врз основа на анализата на епидемиолошките податоци, беше одлучено да се одложи, од понеделник 6 јули 2020 година во шест часот до 15 јули, влезот на српски државјани во Грција, од сите влезни точки. Единствен исклучок се есенцијалните причини за влез, соопшти Пелони.
Таа додаде дека Владата во соработка со надлежните служби, континуирано ги оценува и анализира податоците, „отворањето за странските посетители да биде без отстапки во јавното здравје“.