По наредба на началникот на грчката полиција, вкупно 13 лица вработени во одделот одговорен за издавањето на нотесот за 2019, биле преместени во други служби, поради мапата на која пишувало Македонија и Северен Кипар.
Заменик министерката за цивилна заштита на Грција, Катерина Папакоста, говорејќи за грчкото радио „Скај” рече дека станува збор за сериозно прашање, јави дописничката на МИА од Атина.
– Според моето мислење, ова е многу сериозно прашање. Но, тоа, во никој случај, не може да влијае на угледот и престижот на грчката полиција, која е многу формална за овие прашања и има многу филтри на контрола, рече Папакоста.
Како што вчера објави МИА, нотесите за 2019 со знакот на грчката полиција, а доставени за продажба до сите полициски служби низ цела Грција се повлекуваат бидејќи на отпечатената мапа пишува Македонија и Северен Кипар.
По објавените фотографии и реакциите во грчките медиуми, од грчката полиција соопштија дека за печатењето била задолжена приватна компанија, дека ќе се спроведе внатрешна истрага, а нотесите ќе бидат повлечени.
Грчките медиуми, за целиот случај коментираа дека е голем гаф и голема грешка на полицијата.