Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, именуваше тројца високи верски лица како можни кандидати да го заменат доколку биде убиен во конфликтот со Израел, објавија денес американските медиуми, што е можеби највпечатливиот одраз на несигурниот момент со кој се соочува ајатолахот и неговото триесетгодишно владеење.

Претпазлив од можен атентат, врховниот верски лидер на Иран најчесто комуницира со своите воени команданти преку доверлив помошник, но од непозната локација, објави „Њујорк тајмс“.

Според „Њујорк дејли њуз“, повикувајќи се на три неименувани ирански функционери запознаени со планот на ајатолахот за вонредна состојба, сите електронски комуникациски канали се суспендирани за да се отежни откривањето на позицијата на Али Хамнеи.

Сместен во бункер на непозната локација, врховниот верски водач на Иран, исто така, избрал воени лица кои би станале замена во командниот ланец на иранските вооружени сили доколку е потребно.

Али Хамнеи (86) е свесен дека Израел или САД би можеле да се обидат да го убијат, но, како што наведува „Њујорк тајмс“, ајатолахот верува дека тоа би било мачеништво.

Затоа, според добро информирани ирански функционери, ајатолахот „донел необична одлука да му наложи на Собранието на експерти, свештеничкото тело одговорно за назначување на врховниот лидер, брзо да го избере неговиот наследник од трите имиња што ги предложил“.

За само неколку дена, израелските напади се интензивираа и предизвикаа поголема штета во Техеран отколку што направи Садам Хусеин во целата негова осумгодишна војна против Иран, објави „Њујорк тајмс“.

Сепак, Иран, како што се вели, очигледно го надминал почетниот шок и се реорганизирал доволно за да започне секојдневни контранапади врз Израел, погодувајќи болници, рафинерии за нафта, верски објекти и станбени блокови.

Во меѓувреме, врвните ирански функционери подготвуваат планови за голем број можни сценарија во случај на понатамошна ескалација на конфликтот, во очекување на одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за тоа дали Америка ќе се приклучи на војната против Иран.

Неименувани ирански функционери и дипломати тврдат дека командниот ланец предводен од Али Хамнеи продолжува да функционира и покрај тешките удари што ги нанесе Израел, и нема очигледни знаци на несогласувања или раздор во иранските политички редови.

Мохамед Али Абтахи, реформистички политичар и поранешен потпретседател, во телефонско интервју од Техеран изјави дека Израел погрешно го проценил иранскиот одговор на војната.

Според него, различни политички фракции, обично во остри конфликти меѓусебно, се здружиле зад врховниот лидер и ја фокусирале земјата на одбрана од надворешна закана.

„Војната ги ублажи поделбите што ги имавме и меѓу себе и со пошироката јавност“, рече Абтахи.