Канцеларијата на главниот обвинител на Перу соопшти дека покренала истрага против новата претседателка Дина Болуарте и членовите на нејзиниот кабинет поради насилните судири во кои од почетокот на декември загинаа најмалку 40 луѓе, а стотици беа повредени.
И покрај тоа, новата влада со големо мнозинство гласови ја доби довербата од Конгресот. Во случај на неуспех, ќе има реконструкција на Владата и оставка на премиерот Алберто Отарола.
Истрагата на обвинителството следи по смртта на 17 цивили во јужниот регион Пуно во понеделникот, најсмртоносниот ден на протести откако минатиот месец беше соборен и приведен поранешниот претседател Педро Кастиљо. Насилството продолжи кога еден полицаец загина откако демонстрантите му го запалија автомобилот.
Државното обвинителство соопшти дека ги истражува Болуарте, Отарола, министерот за одбрана Хорхе Чавез и министерот за внатрешни работи Виктор Рохас под обвинение за „геноцид, квалификувано убиство и нанесување тешки повреди“.
Групите за човекови права ги обвинуваат властите за употреба на огнено оружје против демонстрантите и фрлање димни бомби од хеликоптери. Армијата, пак, тврди дека демонстрантите користеле и оружје, но и експлозиви од домашно производство.
Соборувањето на Кастиљо по нелегалниот обид за распуштање на Конгресот предизвика бран протести низ целата земја. Демонстрантите бараат оставка од Болуарте, распуштање на Конгресот, измени на уставот и ослободување на поранешниот претседател.