Унгарскиот парламент денеска не можеше да гласа на итната седница за ратификација на договорот за членство на Шведска во НАТО поради немање кворум, изјави потпретседателот на парламентот Шандор Лежак.
Пратениците на унгарскиот премиер Виктор Орбан во Фидес и нивните сојузници одлучија да не се појават на седницата, поради што не е можно гласањето за членството на Шведска во Алијансата, пренесува шведскиот јавен сервис СВТ.
Во салата биле присутни само 51 од вкупно 199 пратеници, а владејачката коалиција Фидес и Христијанско-демократската народна партија на 2 февруари најавија дека нема да учествуваат во гласањето, велејќи дека чекаат средба на Орбан и шведскиот премиер Улф Кристерсон.
По позитивното гласање на Турција, Унгарија останува единствената земја членка на НАТО која не го ратификувала шведското барање за прием во Алијансата.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан го покани својот шведски колега Улф Кристерсон во Будимпешта за да разговараат за ова прашање.
Орбан рече дека унгарската влада го поддржува влезот на Шведска во НАТО, но дека пратениците не сакаат да го ратификуваат, бидејќи, како што наведе, шведските власти шират „бесрамни лаги“ за Унгарија.
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изрази надеж дека посетата ќе помогне да се изгради доверба меѓу унгарскиот парламент и шведските власти.