Поради невреме, Владата на Албанија им порача на граѓаните да не излегуваат од дома

/ 29.11.2021

Албанија ја зафати невреме проследено со обилен дожд, грмежи, силен ветер, град а во северните и источните делови и снег.

Тирана и Лежа обелеа од град, реките Шкумбин и Вјоса се излеаја од своите корита, поради одрони од камен има прекин на сообраќајот на повеќе патни правци а поради снег, освен во северниот дел на земјата, отежнат е сообраќајот и на денес отворениот автопат „Руга е Арбрит“ (патот на Арбр). Според дописникот на агенцијата Балкан веб има колона од 100-тина возила поради неисчистен коловоз од снегот.

Поради високите бранови кои ги предизвикува невремето забранет е и поморскиот сообраќај.

Вицепремиерот Арбен Ахметај преку објава на Фејсбук побара од сите граѓани, на целата територија на земјата, да избегнуваат движење освен во случај тоа да е неопходно.

– Имајќи ја предвид влошената состојба поради невремето молба до сите граѓани да избегнуваат движење без неопходна потреба. Централните и локалните институции се целосно ангажирани во преземање потребни мерки и активности во менаџирање на состојбата, напиша Ахметај.

Според последните информации, кои вечерва ги пренесе Топ чанел, во селото Вињол, административна единица Лис, околија Пешкопеја речната вода е над мостот и тој е непрооден.

– Десет семејства се изолирани и нема никаква комуникација со нив, наведува телевизијата.


Од истата категорија