Македонскиот фудбал се соочува со уште еден непредвиден проблем. Тревникот на нашиот најголем стадион „Тодор Проески“ е во очајна кондиција и Европската фудбалска унија (УЕФА) не даде дозвола за натпревари од европските клупски натпреварувања во август на таков тревник.

Тоа е голем проблем за цело фудбалско движење кај нас, за Струга Трим Љум која игра во Европа, за прволигашите од Скопје, кои го пријавија овој стадион како домашен терен (Вардар и Работнички) и за националната репрезентација која на деветти септември треба да ја пречека Италија на „Тодор Проески“, пишува gol.mk.

Веќе и официјално Струга Трим Љум натпревар од третото квалификациско коло во Конференциската лига против Есперанж од Луксембург, на десетти август, ќе го игра на стадионот „Петар Милошевски“ во Скопје.

Заради грешка на изведувачот тревата е во очајна состојба и потребен е нов процес на поставување на тревни бусени, па ниту една екипа нема да игра на нашиот најголем стадион до почетокот на септември. Прволигашите Вардар и Работнички своите домашни натпревари ќе ги играат на алтернативен терен.

Колку голема вест и срамота е ова покажува и заинтересираноста на порталите од земјите од регионот да ја пренесат веста. Така босанскиот Klix.ba оди со наслов дека „Еден од најмодерните стадиони во регионот доби забрана од УЕФА поради очајниот терен“.

И српски B92 оди со сличен наслов: „УЕФА забрани играње на еден од најмодерните стадиони во регионот“.