Без традиционалното василичарско оро, со едно минутно молчење во центарот на Вевчани, вевчанци ја одржаа скоро 15 вековната традиција на познатиот Вевански карневал, кој годинава поради трагедијата во која животот го загуби младо момче од селото се одржува симболично.
Иако во помал број од вообичаено, досетливите вевчанци на сатиричен начин отсликаа дел од актуелните случувања што ја одблежаа изминатата година и животот на македонскиот народ.
Поради трагедијата откажан е забавниот дел од манифестацијата што вечерва требаше да се одржи во центарот на Вевчани. Дел од рестораните и кафулињата во населбата не работат, а останатите се без музика. Го нема традиционалниот метеж по улиците, а најголем дел од присутните се гости, кои не знаеле за трагедијата. Повозрасните вевчанци, не паметат таква несреќа во пресрет на празникот Свети Василиј.
Трагедијата што се случи сношти во Вевчани, сообраќајна несреќа, погина млад член на Вевчани, жител на Вевчани. Улиците на 13 јануари никогаш не биле во ваква состојба. Вевчани сме мало место, сите сме како една фамилија. Вакви немили настани нѐ потресуваат. Вечерашниот концерт е откажан. Вевчани овој ден го чека цела година, меѓутоа, не на ваков начин, изјави градоначалникот на Вевчани, Спасе Кочовски.
Улиците низ Вевчани се речиси празни, со по некој случаен минувач и гости од надвор кои не биле запознаени со случувањата.
Секоја година сме тука, многу интересен настан. За жал годинава разбрав дека нема да се одржи. Навистина ми се допаѓа традицијата, концертите што ги прават, маските, вели жител од Ресен, кој пристигнал во Вевчани да го проследи дефилето.
И министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, која требаше официјално да го отвори Вевчанскиот карневал рече дека не го препознава Вевачни вакво и изрази жалење и сочувство до фамилијата на младото момче.
На манифестацијата присуствуваше и лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој изрази сочуство за прерано згаснатиот живот, посакувајќи успешен карневалски ден.
Според традицијата двете василичарски друштва Горна и Долна маала со зетот, невестата, двата ѓаволи, глупавите Августи и останатите маски дефилираат низ вевчанските улици. Верувањата се дека го бркаат злото и чисти ќе ја почнат Новата година, која според Јулијанскиот календар почнува на 14 јануари. Во утринските часови традиционално невестите од двете маала заедно со гостите одат на Вевчанските извори да наполнат вода, со која се прави вевчанскиот кашаник (зелник) во кој се става паричка. Кај оној што ќе се падне паричката ќе биде среќен и бериќетен во текот на целата година. Според традицијата, манифестацијата завршува на 14-ти, попладне со карневалско оро и палење на маските во центарот на Вевчани.