Рустем Мустафа, еден од командантите на поранешната Ослободителна војска на Косово (ОВК), кој денеска отпатува за Хаг, каде што е седиштето на Специјалниот суд за Косово, потврди дека од Специјалното обвинителство е повикан како „осомничен сведок“ за случувањата во текот и по војната во Косово во 1998-99 година, јави дописникот на МИА од Приштина.
– Така пишува во поканата за интервју, изјави Мустафа на приштинскиот аеродром при заминувањето за Хаг, порачувајќи дека не чувствува никаква вина за неговите дејствија во војната против српските сили.
Мустафа, познат како командант Реми, заедно со уште двајца соборци, од страна на Основниот суд во Приштина во 2013 година беше прогласен за виновен за воени злосторства врз косовски Албанци и осуден на четири години затвор.
Тој е првиот од вкупно 11 поранешни припадници на ОВК кои до сега, во својство на сведоци или обвинети, се повикани на распит во Хаг.
Другиот поранешен командант на ОВК, Сами Љуштаку, кој денеска, како и Мустафа, со редовна авио-линија отпатува за Холандија, изјави дека не знае дали е повикан во својство на сведок или на обвинет.
– Ќе бидам интервјуиран на 16 јануари. Не знам во кое својство. Ќе ми беше криво доколку не бев повикан, изјави Љуштаку.
Тој информира дека пред заминувањето на пат бил посетен од актуелниот премиер, еден од главните команданти на ОВК во војната, Рамуш Харадинај, а примил телефонски повик и од претседателот Хашим Тачи, политичкиот водач на тогашната ОВК.
Љуштаку на патувањето во Хаг е придружуван од пратеникот на владејачката Социјалдемократска иницијатива (Нисма), новинарот Миљаим Зека, кој рече дека оди во Хаг за да му пружи поддршка на својот пријател и затоа што е убеден во, како што рече, праведната и чиста борба на ОВК.
Адвокатот на Мустафа и Љуштаку, Арианит Коци, информира дека командант Реми ќе биде интервјуиран утре, 14 јануари, додека Љуштаку до интервјуто во среда, 16 јануари, ќе престојува кај негови блиски во Холандија. Коци изрази уверување дека „се ќе помине во најдобар ред“.