Поранешниот началник на Генералштабот на израелската армија, Херци Халеви, изјави дека во војната во Појасот Газа се убиени или ранети повеќе од 200.000 Палестинци, што претставува околу 10 отсто од населението, јави Гардијан.

Халеви ја водеше израелската армија во првите 17 месеци од конфликтот, кој трае речиси две години. Неговата проценка е блиска до податоците на Министерството за здравство во Газа, пренесува Кликс.

Повикувајќи се на официјалните податоци, Гардијан посочува дека во Газа се убиени 64.718 лица, а 163.859 се повредени. Се стравува дека бројот на загинати е поголем бидејќи многу тела остануваат под урнатините. Министерството во Газа не прави разлика меѓу цивили и борци, но документи од израелската разузнавачка служба што протекоа во јавноста во мај укажуваат дека над 80 проценти од жртвите се цивили.

Израелските власти ги отфрлаат овие бројки како пропаганда, но меѓународни хуманитарни организации оценуваат дека се точни. Халеви истакна дека на армијата и наредил да постапува според меѓународното хуманитарно право и дека правните советници имале задача да ја убедат меѓународната јавност во легалноста на воените операции.