Двајца поранешни обвинители од СЈО му овозможиле на Асмир Јахоски да замине во домашен притвор, а потоа и на Босфор на матура, тврдат извори на Република, пишува порталот. Според информациите кои има Република, вишиот јавен обвинител, Бјурим Рустеми, дал предлог до скопска апелацја да се уважи како основана жалбата на Јахоски против решението на Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје, тој да остане во притвор. На предлогот, тврди Република, потпишан е токму Рустеми кој доаѓа од поранешното Специјално јавно обвинителство.

Изворот на порталот тврди дека поранешен обвинител од СЈО, сега веќе виш обвинител, дал позитивно мислење за издавање на времена патна исправа на Јахоски, иако беше одлучено да му се одземе патната исправа и да се забрани издавање на нова, како една од мерките Јахоски да замине во куќен притвор. Се работи за обвинителот Артан Ајро, кој после СЈО беше избран за обвинител во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, по што доби ново унапредување во скопското Вишо обвинителство.

Во однос на одлуката за издавање привремена патна исправа за Јахоски, беше објавено дека во Кривичен суд, во текот на месец мај, од страна на одбраната на осомничениот, било доставено барање за враќање на патната исправа, односно издавање нова, кое барање било одбиено од Кривичниот суд, по што по добиена жалба, предметот бил доставен на надлежно постапување во Апелациониот суд Скопје.

Од скопска Апелација пак за Скопје1 изјавија дека тие не издаваат патни исправи, бидејќи тоа е обврска на други надлежни институции.

На 6 мај годинава Апелациониот суд Скопје ја уважи жалбата на Асмир Јахоски, осомничен во врска со истрагата за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино, и ја преиначи одлуката на Кривичниот суд така што мерката „притвор“ се укинува со прифаќање на гаранција со ставање хипотека на имот. Истовремено, на Јахоски му се определуваат мерки на претпазливост, односно обврска на осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице во Основен кривичен суд Скопје, како и привремено одземање на постојната патна исправа и забрана за издавање на нова патна исправа.

Јахоски е осомничен во рамки на истрагата со која се опфатени и сопствениците на РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, како и избеганиот поранешен директор на ЕСМ Васко Ковачевски поради злоупотреби со набавките на мазут за ТЕЦ Неготино вредни над 160 милиони евра во време на енергетската криза.