Поранешниот американски претседател Џими Картер денеска ќе го прослави својот 97 – ми роденден дома во Југоисточна Џорџија, изјави неговата портпаролка.
Деана Конџели во Картер центарот во Атланта рече дека Картер, поради неговата возраст и пандемијата со коронавирусот, не планира јавни настапи.
Вработените во Националниот историски центар Џими Картер во Плајнс, Џорџија, снимија честитки за поранешниот претседател, а јавноста има можност да испрати онлајн честитка за роденденот на адресата www.cartercenter.org.
Многумина веќе испратија роденденски честитки, а некои дури и не го спомнаа претседателствувањето на Картер од 1977-1981 година, но рекоа дека се инспирирани од неговото дејствување потоа, кое вклучуваше доброволна работа, пишување книги, залагање за правда и предавање во црковно училиште.
На поранешниот претседател му беше дијагностициран рак кој се прошири на црниот дроб и мозокот во 2015 година, но четири месеци подоцна, по третманот, тој објави дека повеќе нема рак.
Американскиот претседател Џо Бајден и првата дама Џил Бајден ги посетија Картер и неговата сопруга Розалин во април. „Седевме и разговаравме за старите времиња“, рече Бајден.
Картер и Розалин прославија 75 години брак во јули.