Речиси е сигурно дека поранешниот авганистански претседател Ашраф Гани не побегнал од Кабул со околу 200 милиони украдени долари, кога талибанците ја презедоа власта, туку тој и луѓето кои бегале со него со себе понеле многу помал износ, се наведува во официјален американски извештај што ќе биде објавен денеска.
Поранешниот авганистански претседател и други функционери се обвинети за кражба на околу 169 милиони долари, што и припаѓале на авганистанската влада.
„Иако главниот истражител за обнова на Авганистан (Сигар) откри дека парите биле земени од претседателската палата и натоварени во хеликоптери, доказите покажуваат дека вкупната сума не надминувала еден милион долари и дека најверојатно се работи за околу 500.000 долари“, се наведува во извештајот.
Очевидци изјавиле дека не виделе големи суми пари во хеликоптерите што веќе биле натоварени со патници. Износот од 169 милиони долари би бил во купови банкноти со тежина од речиси два тона и многу забележлива големина, се наведува во извештајот на главниот истражител, додавајќи дека испитаните лица виделе како обвинетите влегуваат во хеликоптери само со лесен багаж.
Поранешниот висок функционер е убеден дека никој не земал милиони, туку дека едно лице носело околу 200.000 долари, друго 240.000 долари, додека другите со себе понеле од 5.000 до 10.000 долари.
„Доколку сето ова е вистина, вкупната сума на пари во трите хеликоптери би била околу 500.000 долари, од кои 440.000 ѝ припаѓале на авганистанската Влада“, се додава во извештајот.