Предлогот на Комисијата за професионален спорт, фудбалските тимови ПАОК и Ксанти од првата да преминат во втората грчка фудбалска лига, поради кршење на правилата на грчката Супер лига, под обвинение дека имаат заедничка сопственост, предизвика низа реакции во Грција, не само на спортско, туку и на политичко ниво, јави дописничката на МИА од Атина.
Поранешниот грчки фудбалер, поранешен член на ПАОК, но и поранешен претседател на солунскиот клуб, а сега европратеник од Нова демократија, Теодорос Загоракис, доцна синоќа „се закани“ дека доколку се прифати предлогот на Комисијата, тој ќе стане независен пратеник во Европскиот парламент. Денеска, со одлука на Мицотакис беше избришан од Нова демократија.
-Владата не се уценува. Со одлука на премиерот, европратеникот Теодорос Загоракис е избришан од пратеничката група на Нова демократија во Европскиот парламент, рече портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите.
Загоракис, беше капитен на грчката репрезентација во 2004 година кога земјата го освои Европското првенство, а на европските избори во мај минатата година доби втор мандат од граѓаните да биде еден од Европратениците на Нова демократија.
За случајот со двата фудбалски клубови и предлогот на Комисијата за професионален спорт, портпаролот на грчката Влада, на денешниот брифинг со новинарите откри дека веднаш ќе биде донесен закон во парламентот за да не се избегнат вакви санкции и рече дека во време кога земјата прави скок напред, надминувајќи ги дилемите од минатото што правеа поделби „нема луксуз да се дели поради фудбалот, особено во толку критични моменти за националните прашања.“
Пецас додаде дека нема да се дозволи фудбалско прашање „да ја загрози општествената кохезија“.
-Со одлука на премиерот, итно се презема законодавна иницијатива за да не се воведат разорни санкции за прашањата како што се овие за кои даде мислење Комисијата за професионален спорт, рече Пецас.