Портпаролот на УНИЦЕФ Џејмс Елдер изјави дека никој не се чувствува безбедно во јужниот дел на Појасот Газа бидејќи бомбите паѓаат на секои 10 минути и изрази сериозна загриженост за израелската воена акција во областа на енклавата бидејќи Палестинците немаат каде да одат.
Елдер истакна дека ужасот што се случи на северот на Газа сега се повторува на југ и дека бомбите паѓаат на секои 10 минути, иако Палестинците беа евакуирани во областа од северниот дел на енклавата бидејќи израелската армија даде гаранции дека таму би биле безбедни, пренесува Би-Би-Си.
Елдер рече дека сега Палестинците во јужниот дел на Газа се изложени на постојана опасност и веќе се исцрпени и уморни од тоа што неколкупати се раселени.
Елдер истакна дека кога ниту тој не се чувствува безбедно, никој друг не може да се чувствува безбедно на југот на Појасот Газа бидејќи ниту болниците ниту засолништата не се безбедни места.