Португалија започна разговори со министри од различни земји на Европската унија (ЕУ) за нов пакт за справување со долгогодишните миграциски проблеми на Унијата, соопшти португалската Влада.

Како дел од шестмесечното ротирачко претседателство со ЕУ, кое започна овој месец, Португалија одржа првични консултации со Грција, која во 2015 и 2016 година се соочи со мигрантски кризи.

Минатиот септември, Европската комисија претстави предлог за миграциски пакт за време на германското претседателство со ЕУ. Најчувствителниот дел од пактот ја обврзува секоја земја-членка да прифати одреден број бегалци. Конечниот договор допрва треба да се постигне.

Португалското Министерство за внатрешни работи во соопштение наведува дека проблемите поврзани со миграцијата надвор од ЕУ можат да се решат само со „солидарност меѓу земјите“, но истакнува дека „таквата солидарност не може да биде доброволна“.

„Флексибилна, но задолжителна солидарност меѓу земјите на ЕУ е клучниот концепт за кој се залага Португалија“, се наведува во соопштението во кое се додава дека треба да се најдат решенија за две главни прашања: редовните миграциски текови и миграциските кризи.

Ресорниот министер Едуардо Кабрита рече дека ќе одржи состаноци со државните службеници во Шпанија, Италија и Малта, каде претежно пристигнуваат мигранти, но и со неподготвени земји за тоа како Полска и Унгарија, пренесува „Еуроактив“.

Разговорите ќе се одржат пред состанокот на министрите за внатрешни работи закажан за 28 јануари.