Граѓаните се уште не ги знаат своите права и обврски, затоа се одлучивме да спроведеме еден информативен караван, со што сме поблиску до корисниците на поштенски услуги. Ова го подвлече денеска професор доктор Сретен Миладиноски, директор на Агенција за пошти. Тој имаше обраќање пред кавадарчани во општинската сала, во рамките на посетата на информативниот караван во овој град.
– Се работи за активност организирана заедно во координација со канцеларијата на народниот правобранител. Целта е, корисниците на поштенски услуги да ги разберат своите права. На давателите на поштенски услуги пак, да им се објасни како подобро да функционираат, истакна тој во изјава за медиумите.
На средбата беше кажано дека Агенцијата за пошти во соработка со Канцеларијата на народниот правобранител, ќе продолжи да го спроведува својот информативен караван, стремејќи се да ја доближи работата на давателите на поштенските услуги пред пошироката јавност, како и да ја подигне јавната свест за начинот на користење на правата на корисниците на поштенските услуги.
Реализацијата на пролетниот караван опфати две едукативни средби со граѓаните, студентите и претставници од бизнис-секторот во Прилеп и Кавадарци.
– На овие средби, се презентираат и надлежностите на Агенцијата за пошти, а главен акцент се става на информирање на јавноста за остварување на законските права на корисниците, нивните обврски како и обврските на давателите на поштенските услуги. На посетителите им се дава можност да поставуваат прашања поврзани со обезбедувањето на услугите, како и да информираат за евентуални забелешки поврзани со доставата, беше посочено на средбата.