Последните 100 000 гласови од Мичиген ќе се пребројат до крајот на денот

/ 04.11.2020

Мичиген, клучна држава што ќе помогне да се утврди кој победи на претседателските избори во САД, и натаму пребројува илјадници гласачки ливчиња.

– Неофицијални резултати се очекуваат до крајот на денот, изјави државната секретарка Џослин Бенсон.

Во изјава за Си Ен Ен таа рече дека преостанува да се пребројат уште околу 100.000 гласови и оти појасна слика ќе има до крајот на денот, по локално време. (Мичиген е шест часа зад македонско време).

Според податоците на Си Ен Ен, по преброени 92 отсто од гласовите, води кандидатот на Демократската партија Џо Бајден со 49,5 отсто наспроти републиканецот Доналд Трамп со 48,9 проценти.

Мичиген носи 16 електорски гласови. Според Си Ен Ен, Бајден засега има 227, а Трамп 213 електорски гласови. За победа се неопходни 270.

Си-Ен-Ен објави дека е најнеизвесно во девет сојузни држави каде сè уште не е познато кој ќе ги добие гласовите на електоратот.

Станува збор за Аљаска, Аризона, Џорџија, Мичиген, Мејн, Невада, Северна Каролина, Пенсилванија и Висконсин.

(МИА)


Од истата категорија