Министерството за здравство соопшти дека во рекордно време, за помалку од две недели, заврши поставувањето на новиот монтажен објект – амбулантско поликлинички оддел на ЈЗУ Клиника за пулмологија и алергологија, лоциран на просторот меѓу Институтот за патофизиологија и Институтот за ТБЦ.
Во новиот објект, како што се посочува, се наоѓаат четири амбуланти и кабинети со спирометрија, за дифузија и бодиплетизмографија, за бронхијална провокација, за гасни анализи во крвта, за алерголошки тестирања и за ЕКГ, како и две засебни простории за дневни болници за сместување амбулантските пациенти. Сето ова е придружено со сите потребни помошни простории, тоалети и гардеробери за персонал, засебни тоалети за пациенти, чекални, административни соби, стерилни остави, сервер соба, климатизација и слично. Целиот простор ентериерно и екстериерно е оформен така што не постојат бариери и препреки за лица кои користат помагала и лица со попреченост, за кои се предвидени и специјални тоалети согласно стандардите, информираат од Министерството.
Во наредните денови се очекува да заврши и опремувањето на внатрешноста со инвентар, немедицинска и медицинска опрема која е донација од Здружението на граѓани Обединета Македонска Дијаспора, а кон средината на август објектот ќе биде целосно готов за прием на пациенти.
Поставувањето на новата монтажна амбуланта е со цел оние пациенти кои имаат било каква белодробна симптоматологија целосно да се одделат од сите други пациенти, и во амбуланскиот дел да се направи тријажа на пациентите. Ова е важно за наредниот период, за есенските месеци, во кои што бројот на пациенти со белодробни заболувања вообичаено значајно се зголемува. Од Клиниката за пулмологија појаснуваат дека пациентите со белодробни заболувања, заради хроничната болест на белодробниот систем се во најризичната група за добивање Ковид-19, како и за развивање тешки компликации од вирусот, затоа е посебно значајно поставувањето на монтажната амбуланта, која ќе ги исполнува најсовремените стандарди за работа, стои во соопштението.