Воспоставување техничка и административна соработка во областа на безбедноста на храната и ветеринарната политика, размена на информации и зајакнување на капацитетите на претставниците од академската и научната заедница со организирање едукативни и научни настани за размена на идеи и искуства, договорија денеска во Софија првите луѓе на македонската Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) Зоран Атанасов и проф. д-р Паскал Желјазков, од бугарската Агенција за безбедност на храната. Тие, во насока на унапредување на постоечката соработка во овие две области меѓу двете институции, и за иницирање нови, потпишаа петгодишен Договор за соработка.
Со официјализирање на соработката се отвора и можноста за идно вклучување на АХВ во реализација на европски и други меѓународни проекти и програми, во чие спроведување, како земја членка на Европската унија, е веќе вклучена бугарската Агенција за безбедност на храната.
Како што соопшти АХВ, Договорот гарантира и соодветна заштита на правата на интелектуална сопственост, согласно националните и меѓународните стандарди. Акцент во соработката со овој документ се става на управувањето со ризикот, јавното здравство во однос на зоонозите и алиментарните интоксикации, како и здравствената заштита и благосостојбата на животните.
Дефинирани се и областите на употребата на ветеринарно-медицинските препарати, генетски модифицираната храна и храната за животни, како и храната произведена со иновирани технологии и нус – производите од животинско потекло и производите добиени од нив.
Во рамки на официјалната посета на бугарската Агенција за безбедност на храна, директорот на АХВ, Атанасов, одржа работен состанок со првите луѓе од оваа институција и претставници од секторот за меѓународна соработка со кои разговараше за идните области и полиња на соработка. Разгледана беше актуелната состојба со болеста африканска свинска чума во соседна Бугарија и регионот и мерките кои се преземаат од земјите за спречување на нејзино ширење. Двете делегации дискутираа и за актуелната состојба со болестите кај животните, а се осврнаа и на престанокот со вакцинација против класичната свинска чума.