Незадоволството е зголемено уште повеќе, изјави потпретседателот на СОНК, Тафа Амети, по вчерашната средба на Владата со Сојузот на синдикати, каде Владата изразила подготвеност за покачување на платите во јавниот сектор за 2.806 денари.
„Особено на последниот состанок со Сојузот на синдикати од кој дел е и СОНК, за кој всушност беше понуден поголем процент отколку за нас, иако штрајкуваме веќе две недели. Значи на нас 2.500, а на нив 2.840. Револтот на синдикатот е голем во врска со ставот кој го изнесе Владата“, вели Тафа Амети за ТВ 21.
СОНК последен пат со МОН разговараше в петок, вели Амети, додавајќи дека и на таа средба било настојувано да биде прифатено покачувањето од 10%, со образложение дека во моментот толку дозволуваат можностите на Владата. Амети предупреди дека штрајкот ќе продолжи, а по празниците ќе има нова рунда преговори меѓу СОНК и Влада.
„Сега е празник, утре не, но од понеделник сигурно. Одлуката на Советот како највисок орган на синдикатот е штрајкот да продолжи“, вели Тафа Амети.
Пред неколку дена, Народниот правобранител Насер Зибери, рече дека го поддржува правото на наставниците за повисоки плати, но како што објасни, предност треба да им се даде на правата за децата за посетување настава.
Штрајкот во училиштата и градинките започна на 11 април, а како што велат од СОНК, во него учествуваат над 25 илјади вработени. И до канцеларијата на Омбудсманот пристигнаа неколку претставки од родители кои се жалат поради неодржување на настава во училиштата.