Црногорските епидемиолози денеска ги потврдија првите пет случаи на инфекцијата со новиот сој омикрон на коронавирусот во земјата.

Црна Гора на тој начин се приклучи на списокот земји во кои е регистрирана оваа многу заразна варијанта, соопшти Црногорскиот институт за јавно здравје, додавајќи дека сите лица со потврден омикрон се во добра општа здравствена состојба и имаат само благи симптоми.

-Епидемиолошките служби следат и вршат идентификација на високоризични контакти на заразени лица, велат црногорските епидемиолози.

Првото сомневање за појавата на сојот омикрон во Црна Гора се појави на почетокот на декември во семејство чиј член допатува од Јужноафриканската Република.

Бројот на заразени лица во Црна Гора опаѓа во последните недели, но се уште се на сила епидемиолошките мерки што  бараат задолжително носење заштитни маски во затворени простории. За влез во угостителските објекти, теретаните и игротеките се потребни ковид потврди.

Црногорските здравствени власти, исто така, ги забранија новогодишните прослави на плоштадите за да спречат натамошно ширење на коронавирусот.

Во Грција се потврдени 14 нови случаи на варијантата Омикрон, со што вкупниот број се зголеми на 17 случаи, а најголемиот дел се неколку области на островот Крит, според официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје, јави дописничката на МИА од Атина.

Во изминатите 24-часа, во земјата беа регистрирани 4.696 новозаразени, починаа 96 лица, а 692 пациенти се приклучени на апарати на одделите за интензивна нега во грчките болници, од кои 572, односно 82,37 отсто се невакцинирани или делумно вакцинирани.

На денешната редовна прес конференција за текот на пандемијата во Грција, професорката Вана Папаевангелу соопшти дека во земјата има околу 43.000 активни случаи, а еден од три грчки региони се во темно црвена боја, односно во категоријата со влошена епидемиолошка слика.

Од почетокот на пандемијата во земјата се потврдени 1.022.141 случаи на Ковид-19, а починаа вкупно 19.651 лица.