До 14 часот денеска во земјава се регистрирани повеќе од 20 пожари на отворен простор. Од нив се уште најголем предизвик е пожарот на планината Готен која се наоѓа на тромеѓето меѓу општините Радовиш, Берово и Василево каде од рано утрото се упатени седум „пинц гауери“, две градежни машини за правење противпожарни пресеки, четири специјализирани возила на ЈП „Национални шуми“ и четири противпожарни возила, а дејствуваат два ер трактора. Како што информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов, на терен се повеќе од 180 луѓе од различни единици.

Според Ангелов, рано наутро беше подметнат пожар на планината Плачковица на тежок и стрмен терен кој и покрај максималните напори за гаснење на штипските пожарникари и локалното население од блиските села, не е под контрола и постепено се шири. Таму, на лице место, се наоѓаат повеќе противпожарни сили од Штип, преку 20 лица од ЈП „Национални шуми“ и доброволци од околните села.

Тежок пожар, оценува директорот на ДЗС, е и оној кај селото Дрен, на територија на општина Прилеп каде се ангажирани локални пожарникари со специјализирани возила за гаснење шумски пожари

-На пожарот на територијата на Македонски Брод кај селата Грешница и Црешнево кој исто така трае со денови, ангажирани се едно специјално возило „пинц гауер“ од ДЗС и 30 припадници на Армијата, а покрај нив на лице место се наоѓаат и локални сили од пожарникарите и екипи на ЈП „Национални шуми“, вели Ангелов преку видео изјавата испратена до медиумите.

За пожарот на територијата на општина Штип, над селата Селци и Драгоево, се ангажирани два „пинц гауера“ на Дирекцијата и повеќе противпожарни возила, 15 пожарникари, најмалку осум лица од ЈП „Национални шуми“, 12 лица од локалното население, но и други дополнителни сили се вклучени во гаснењето.

Тешки пожари, информира Ангелов, има на територијата на Турција и Грција, а пожари беснеат и во соседството, во Албанија, Србија, Хрватска и Словенија.

-Активирањето на ЕУ механизмот нема да даде резултати зашто буквално сите држави кои ни помагаа минатите години на своите територии имаат сериозни пожари поради што се спречени да пратат помош во околните земји или кога би праќале помош, би пратиле таму каде што е потребна многу повеќе, а тоа засега е Турција, потенцира Ангелов.  (МИА)