Повеќе од половина милион луѓе во Велика Британија ја повикаа владата да му ја одземе витешката титула што му беше доделена на поранешниот британски премиер Тони Блер, пренесува Гардијан.
Британската кралица Елизабета Втора го прогласи Блер, поранешен лидер на лабуристите, за витез-придружник на The Most Noble Order of the Garter, најстариот и највисокиот витешки ред во Британија. Голем број луѓе сметаат дека Блер не ја заслужува оваа чест, а некои го нарекуваат и воен злосторник поради одлуката Велика Британија да се внесе во војната во Ирак.
Во врска со тоа, пред три дена беше покрената петиција на веб-страницата „Change.org“, која има за цел да му ја одземе оваа титула на поранешниот лидер на лабуристите. Петицијата беше иницирана од Ангус Скот, кој на таа страница напиша дека Тони Блер „предизвикал непоправлива штета на Уставот на Велика Британија и на самата структура на националното општество“.
„Тој е лично одговорен за смртта на безброј невини цивили и војници во различни конфликти. Тоа е единствената причина зошто тој треба да одговара за воени злосторства“, наведе Скот.
Според „Гардијан“, петицијата не е креирана на собраниската веб-страница, каде што петициите имаат правен статус. Петициите потпишани од 10.000 луѓе таму мора да добијат одговор од владата, а оние потпишани од над 100.000 луѓе се разгледуваат за расправа во парламентот.