Откако Владата нареди да се тргнат руските телевизии од македонските кабелски оператори, за да не се шири руска пропаганда, се шират повици истото да се стори и со српските телевизии.
Причината е што овие канали се многу популарни во Македонија, а преку нив исто така доаѓаат информации кои ги претставуваат руските позиции за војната во Украина, објави порталот Инфомакс.
Радио Слободна Европа, медиум финансиран од американската Влада, го покренал ова прашање пред македонските власти од кои не добиле одговор, но цитираат коментатори блиски до Владата кои ја поддржуваат оваа идеја.
– Аналитичарот Алберт Муслиу, смета дека ширењето на руската пропаганда преку дел од српските телевизии се прави плански. „Секако дека ја шират. И не само што ја шират, тие имаат и нивни партнери кај нас, и тоа не се случува случајно, тоа е дел од една машинерија, добро разработена, која се разработува веќе повеќе години наназад и сега е ставена само во функција. Истите тие провајдери кои се на каналите ако веќе зеле јавно овластување од државата за тоа да им го пренесуваат на граѓаните, тогаш треба да земат и јавни обврски во заштитата на граѓаните од пропагандистичките тенденции“, дециден е Муслиу.
Тој додава дека е неопходно да се вложува во борбата со дезинформациите, а регулирањето на телевизиите го гледа како едно од решенијата.
– Ако можевме да забраниме големи канали како Раша тудеј, секако дека може помали канали исто така да ги забраните или да им укажете дека ако продолжат со таков однос, дека истите ќе бидат забранети. Во крајна линија ние немаме обврска во државата сите канали да ги пуштаме, додава Муслиу.