Жители на Кочани излегоа на протест. Стравуваат дека градот повторно ќе им се обвитка со густ чад, откако минатата недела со полициска придружба, соседните општини Зрновци, Виница и Чешиново-Облешево, почнаа повторно да депонират отпад на градската депонија. Еко активистите, сметат дека со ова е направено саботажа на Одлуката што минатиот месец ја донесе Советот на Општина Кочани, со која на депонијата се забрани влез на комуналните возила од соседните општини.
„Нашите локални институции немаат капацитет да го примат соседното ѓубре, кое не влегува со мал процент. Имам сознанија дека е до 30до 40% влегува во вкупно депонираниот смет„ изјави Благица Сабовљевик, од Кочани.
“Факт е дека после протестите полесно се дише, факт е дека со 50% помалку ѓубре, ќе имаме 50% помалку метан и 50% помалку здравствени проблеми„ изјави жител на Кочани.
Граѓаните велат, дека не се против проектот Регионална депонија, туку бараат ѓубрето да не се депонира на градската депонија, се додека не се изгради фабриката во светиниколското село Мечкуевци. Најавија и тужби, бидејќи во целост не се почитуваат нивните барања, а тоа е видео надзор, оградување на целата депонија, како и 24 часовна чуварска служба..
„Ние чекаме резултати, тие само фиктивно ни кажуваат дека ги решаваат проблемите, а ние сакаме дела„изјави граѓанин.
Градската депонија во Кочани, стана проблем откако на неа почна да се исфрла отпадот од Виница, Чешиново-Облешево и Зрновци, како дел од обврските што се наметнаа со проектот изградба на регионална депонија кај светиниколското село Мечкуевци. Поради постојаното палење на депонијата и загадениот воздух, кочанчанци 18 денаго блокираа патот кон депонијата.