Веќе четврти ден по ред, во Грција се регистрирани над 6.000 нови случаи на Ковид-19, а денеска, Националната организација за јавно здравје соопшти за 6.909 новозаразени, што претставува нов негативен рекорд по дневни случаи од почетокот на пандемијата, јави дописничката на МИА од Атина.
Во изминатите 24 часа починаа 48 лица, а 450 пациенти (девет повеќе од вчера) се приклучени на апарати на одделите за интензивна нега во болниците, од кои 378 односно 84 отсто се невакцинирани или делумно вакцинирани.
Новите случаи се од 263.150 направени тестови, а најголемиот број новозаразени се во Атика, поширокиот регион на Атина (1.519) и во Солун (1.124).
Од почетокот на пандемијата, во Грција се потврдени вкупно 774.265 случаи на Ковид-19, а починаа 16.200 лица.