Во пожар што изби во текот на ноќта во Мориа, најголемиот бегалски камп во Грција, на островот Лезбос, според првичните информации, изгоре голем дел од центарот за прием и регистрација на бегалци и мигранти и околните шатори во кој се сместени 12.580 лица, јави дописничката на МИА од Атина.
Веројатно е дека станува збор за подметнат пожар, односно по реакциите од лицата кои вчера беше потврдено дека се позитивни на коронаврусот или од нивните контакти, кои, според локалните медиуми, одбиле да бидат изолирани, по што следеле и инциденти.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, утрово свика вонреден состанок со надлежните министри за ситуацијата на островот.
Она што предизвикува загриженост во Грција е што ќе се случи со бегалците и мигрантите кои сега се на улица, а меѓу нив 35 се позитивни на коронавирусот.
Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас, говорејќи за „ЕРТ“, рече дека островот помина тешка ноќ, а реакциите во кампот биле по информациите за заразени со Ковид-19.
-Го разгледуваме и начинот и причините што доведоа до подметнувањето на пожарот. На островот итно ќе биде прогласена вонредна состојба и секако ќе се забрани напуштање на островот за оние кои престојуваа во центарот за прием и регистрација на бегалци и мигранти, за да се спречи веројатноста да се прошири коронавирусот меѓу локалното население, рече Пецас.
Од Противпожарната служба на Грција соопштија дека за имало повеќе различни жаришта, како во околината на кампот, така и во внатрешноста, а интервенираат 25 пожарникари со десет возила и со помош на полицијата, бидејќи во текот на гаснењето, противпожарните служби биле спречени во извршувањето на нивната задача.
Според локалните медиуми, по пожарот, кој не е целосно ставен под контрола, голем дел од бегалците и мигрантите, од бегалскиот камп се упатиле кон околните населени места.