Материјална штета на куќи и викендички, евакуирани села и населби, изгорени 4.000 хектари шума, остави зад себе пожарот кај Коринт во Грција, што сè уште не е целосно ставен под контрола, иако ситуацијата е подобра во споредба со вчера и во текот на ноќта, јави дописничката на МИА од Атина.
Противпожарната служба цела ноќ се бореше со огнените јазици, а заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас утрово рече дека „во текот на ноќта имаше повеќе фронтови, исклучително опасни за пожарникарите“ .
-Продолжуваме со титанските напори и сме воздржано оптимисти дека во текот на денот и со постепеното подобрување на временските услови, пожарот ќе се локализира, а сите наши сили ќе останат на терен до целосно гаснење на пожарот, рече Хардаљас.
Од Секретаријатот за цивилна заштита, со четири пораки испратени во текот на вчерашниот ден и синоќа, преку специјалниот број за итни случаи 112, побараа од жителите на повеќе делови во близина на Коринт да ги напуштат домовите, а досега, превентивно, евакуирани се околу 20 населби и села и три манастири.
-За жал вториот приказ, преку европската служба „Коперникус“ дава над 4.000 хектари изгорена шумска површина, а би сакал да ве известам дека постојат штети, а во некои случаи и уништени куќи, кои во најголемиот дел се викендички, оддалечени од организираните населби, а нивната регистрација е во тек, рече Хардаљас.
Објасни дека интервенираат 278 пожарникари со 89 возила, десет пешадиски тима, а од утрово, повторно се вклучени и воздушните средства, односно осум авиони Канадер, десет ПЗЛ авиони, два хеликоптери Синук и еден Суперпума, а на располагање се уште три хеликоптери од војската и полицијата.
Хардаљас синоќа објасни дека пожарот започнал од горење на остатоци од маслиново дрво.
Во текот на ноќта, поради ветерот, пожарот брзо се ширеше.
Пожарот е на околу 80 километри од Атина, а чадот вчера стигна и до грчката престолнина, но и до Кикладските острови.