Најмалку девет лица, од кои едно е во критична состојба, се повредени во пожар што избувна во хотел во централниот дел на Барселона, соопшти шпанската служба за итни случаи.
Каталонската телевизија прикажа снимка, очигледно направена со мобилен телефон, на која лице скока од прозорец на третиот кат на душеци кои беа поставени на тротоарот за да го ублажат ударот, објави АП.
Локалните медиуми објавија дека најмалку уште едно лице морало да скокне надвор за да избега од пожарот.
Портпаролката на Брзата помош Зулма Ица изјави дека покрај еден маж кој е во критична состојба, уште две лица се во тешка состојба.
Полицијата ги истражува причините за пожарот.